Сточарското производство, како дел од земјоделството, претставува значајна гранка која придонесува за зголемување на приходите, како на земјоделците така и за државата.
Домашните животни користат многу евтина растителна храна којашто можат да ја претворат во висококвалитетни производи коисе користат за исхрана на луѓето.
Храната што се користи за исхрана на домашните животни е од растително потекло. Таа може да биде свежа или сушена или пак се користи преработка на растителни материјали кои човекот не може да ги користи за сопствена исхрана.
Оваа храна кога ќе дојде во органите за варење се разложува до попрости хранливи материи кои лесно се апсорбираат и искористуваат во животинскиот организам за изградба на нови клетки и ткива, за обновување на старите и изумрени клетки, за создавање на течности кои се важни за организмот, за енергија и сл.
Храната што се користи за исхрана на домашните животни е составена од сложени јаглехидрати, белковини, масти, минерални материи, витамини, ферменти, хормони и др. и вода.
За да можат да се искористат од животинскиот организам, во дигестивниот тракт, во процесот на варење на храната, како што истакнавме, сложените јаглехидрати се разложуваат до прости шеќери, протеините до аминокиселини, мастите до глицерол и масни киселини и сл.
Процесот на варење на храната кај овие животни е специфичен, а за да се разбере,треба да се познава анатомијата на органите за варење (дигестивниот тракт).





